25/05/2005
Марјан Ников има 42 години, роден е во Скопје и живее во Чаир. Од негови 10 години е постојано со спортските настани а со спортско новинарство се занимава од 1988 година (по олимписките игри во Сеул), најпрвин како хонорарец во весникот Вечер каде работел до 1991 година а потоа и во Република и во неделникот Скок. Од март 1993 година до 2008 година работел во Македонската телевизија а од 2008 година до денес е во ТВ Сител. Во почетокот на своите новинарски денови не пропуштил ниту еден натпревар на Балкан и Слога на стадионот Чаир, неколку сезони судел кошарка а потоа поради работни обврски (судење и коментирање) морал да прекини и сега е делегат на кошаркарски натпревари.
Оженет: Елена(сопруга) , два сина Иван и Андреј(навива за Ливерпул) а и двајцата тренираат во КК Вардар. Натпреварите на Ливерпул најчесто ги гледа дома, заедно со својата фамилија, пред се со Андреј и Иван. Од минатата сезона следи и натпревари заедно со Macedonian Reds во скопските кафичи.
Зошто Liverpool FC и како започна да навиваш за клубот ?
Ливерпул , од кога навивам ? Нешто пред Хејсел. За финалето во Брисел се сеќавам бидејќи можеби тоа беше мое прво финале кое го гледав, бидејќи предходното го паметам по Гробелар. Кога почна Премиер лигата да се пренесува во Македонија тој интензитет се зголеми. Имам мал ритуал кога гледам дома задолжително сум со "пријателот Jameson" (виски). Одговорни за тоа се синовите Иван (иако навива за Челзи) и Андреј.
Омилен играч , омилена генерација и омилен тренер ?
На почетокот тоа беше Стив Мекманаман, а потоа и Мајкл Овен, но и двајцата заминаа во Реал Мадрид. сепак за мене икона на клубот е Стивен Џерард а од тие што дојдоја е Чаби Алонсо. Омилена генерација таа што остана без титула предводена од Бенитез, со Алонсо , Маскерано , Џерард, Торес ... Тренер Бенитез на прво место заради финалето во Истанбул.
Што мислиш за моменталниот состав и начин на водење на клубот ?
Купени се играчи кои се просечни (Ловрен, Лалана, Ламберт), недокажани (Марковиќ, Чан, Морено , Манкиљо), проблематични (Балотели). Ако засилувањата како Кутињо и Стариџ се покажаа како добри, на мое мислење сум дека некако со јануарските засилувања имаме повеќе "нос" , тука би го додал и Суарез. Мислам дека Ориги не требаше да биде даден на позајмица во Лил. Со доаѓањето на Џон Хенри работата со водењето на клубот малку се среди, за разлика од предходно. Мислам дека ланската сезона резултатски дојде пребрзо и сега оваа сезона се измешаа желбите за титула во Премиер лигата и настап во Лигата на шампионите. За мене главна цел требаше да биде титулата во Премиер лигата , ама во Лигата на шампионите се парите.
Твое мислење за оваа сезона , кој каде ќе заврши ?
Мислам дека ќе бидеме во ТОП 4. Фаворити за титулата во Премиер лигата се Челзи и Манчестер Сити. Мислам дека Мурињо нема да ја повтори грешката од лани. Можеби помалку жалам што во периодот кога премина од Порто во Челзи не дојде во Ливерпул (иако постоеја шанси). Мое мислење е дека Ливерпул со Мурињо и со поддршкат од КОП, од сите навивачи ќе беше вистински потег. Манчестер Сити втор кандидат за титула. Ние ќе се бориме за пласман во ТОП 4 заедно со Арсенал и Манчестер Јунајтед а пласман пред или зад Арсенал.
Ако направиш паралела на тој тим од 2005 година на Рафа Бенитез кој голем дел од играчите ги наследи од Џерар Улие и сега овај на Роџерс кој голем дел од носителите на играта ги наследи од Далглиш, што е она што недостасува за да се повтори успехот на највисоко ниво?
Ситуацијата е можеби пресликана , ако не и иста. Тимот се мачи со резултатите во Премиер лигата , се мачи и во Лигата на шампиони. Разликата е во тоа што Бенитез сакаше да игра и да не загуби, па макар и нерешено, а Роџерс е тој што сака да победи. Роџерс бара игра од тимот, , а се сеќавам дека Бенитез кој го наследи Улие беше важна одбраната. За да се повтори тој успех треба трпение, нема да ја повториме ланската сезона од Премиер лигата , кога не игравме еврокупови и можевме цела недела да се подготвуваме за следниот натпревар.
Liverpool - AC MIlan ?
Истанбул мај 2005 година. Тоа не се заборава. Досега сум бил известувач на две Летни Олимписки игри (Атина и Пекинг), настапи на македонски репрезентации на европски и светски првенства - ракомет, кошарка, ватерполо ... Но, тоа е исто со четвртфиналето во Литванија, кошарка (победата над Литванија) , победата над Полска во Вараждин (ракомет), настапот на ракометарите во Ниш и Белград.
Во Истанбул бев со Тони Танчевски (фан на Ливерпул) и Бранко Чупески (колега од МТВ) , а со Емил Китановски и Петар Стојановски од Утрински се најдовме во истиот автобус. Приказната за Истанбул е долга. И почна од последниот дуел во групата со Олимпиакос кога ни требаше победа од два разлика. На полувреме Олимпиакос води со 1:0 со голот на Ривалдо , а потоа со головите на Синама Понгол и Нил Мелор (момчето со црвени образи) и голот на Џерард сите знаеме што се случи. По 0:1 за Олимпиакос на сопругата и викам ако победиме со два разлика јас во Мај сум во Истанбул . И потоа е познато , првин 3:1 со Олимпиакос па Баер Л. , Јувентус , Челзи и тогаш реваншот на Енфилд. Првиот натпревар 0:0 . Јас водител на емисијата во МТВ, се игра реваншот. Ливерпул победува со 1:0 , а на мобилниот во студио во емисија во живо (се разбира на вибрации) добивам порака од сопругата "СРЕЌЕН ПАТ ВО ИСТАНБУЛ" . Имав предност што сум новинар и тогаш МТВ ги имаше ТВ правата и без проблем добив акредитација.
Денот на натпреварот - претпладнето слики на стадион, а пред натпреварот атмосфера за незаборав со англиските навивачи низ Истанбул и после пред стадионот. Самиот натпревар е веќе приказна за себе. Тоа нема да се повтори. Две третини од стадионот беше со англиски навивачи , никој не знаеше како дојдоја до толку карти. Истанбул не се заборава . Жалам што не ми дозволија од работа да одам на финалето во 2007 година исто така со Милан во Атина. Имам уште една желба , еден ден да гледам натпревар на Ливерпул на Енфилд , се надевам дека и тоа ќе го дочекам .
Liverpool FC е многу повеќе од било која негова постава, играч, тренер ... Што би им порачал на оние фанови кои цело време по форуми кукаат дека вака сезоната нечини ?
Најважна работа во сезоната е , што е целта? Јасно е дека сме далеку од ланската сезона , дека тоа нема да го повториме. И да беше Суарез тешко дека ќе имавме нешто слично (без него ќе игравме осум кола). Штета што е повреден Стариџ , Балотели не се снајде , но мислам дека не е се готово. Фудбалот се игра додека судијата не свирне крај . Мислам дека ни фали малку повеќе комуникација во играта , пред се во одбраната . Ако во одбраната не се зборува (не се 'ржи ) нема ефект. Тоа ни фали , тоа го нема Мињоле, Шкртел , Ловрен , бековите се млади и треба да се прилагодат на Премиер лигата. Тимот ни е некако многу "мирен" , нема кој вистински да удри на терен , можеби само Хендерсон е таков тип на играч, Чан досега малку играше а Ален многу осцилира . Сепак , ова е лига каде нема ниту секунда одмор , ако не си енергичен и не си на вистинското место и не реагираш како што треба противникот ќе те казни. Затоа сега тимот треба да се сконцентрира на дуелите со Лудогорец и Базел и да се освојат тие бодови , а со пласман на пролет во Лигата на шампионите се е можно. Знам дека сите ја скаат повеќе титулата во Премиер лигата , од секој друг триумф. Поздрав до сите навивачи на Ливерпул во Македонија , пред се , а потоа и низ целиот свет. YNWA !.
YNWA!