Hillsborough

26 години потоа

Периодот помеѓу 1973 и 1990 година е најуспешниот во долгата историја на клубот .

Во 70те и 80те Liverpool FC ги сруши сите можни рекорди на клупско ниво , освои 11 титули во првенството , 4 Европски купови , 2 трофеи во УЕФА купот , 3 ФА купови и 4 титули во Лига купот и на сето тоа играше фудбал на некое друго , повисоко ниво во однос на сите други Европски екипи, успех кој дотогаш а и до ден денес го нема остварено ниту еден друг Британски клуб. Во цела таа приказна покрај сите успеси два настани ќе се одвојат и ќе останат забележани во историјата како негативен белег и кои директно ќе влијаат на меѓународниот фудбал каков што го знаеме и следиме сега .


Инциденти на спортските натпревари имало отсекогаш , дури и во антички Рим се случувале крвави настани како Бунтот Ника и број други меѓу кои и првиот забележан на натпреварите во Англија според Универзитетот од Ливерпул во Derby 1846 година во кој учествуваа припадници Британската војска, а во 1885 година и за првпат биле дофрлани предмети и по судиите на натпреварот помеѓу Preston и Аston Villa .

Организирано хулиганство ќе се појави во Англија на почетокот од 70те години од минатиот век. Подемот на оваа појава коинцидентно се искачи на највиоко ниво во општеството заедно со подемот на Liverpool FC во светот на фудбалот . Во тоа време во Англија скоро секоја навивачка група оформи и своја подгрупа позната како “ firm ” . За Liverpool FC тоа беа Liverpool Urchins. Хулиганството не ја зафати само Англија , туку се појави насекаде низ стариот континент , па англиските фирми имаа широк фронт за тепачки низ цела Европа . Дури и националниот тим на Англија имаше своја фирма која правеше инциденти на сите гостувања на нивниот тим.



Хулиганството во Англија со тек на време стана и прашање од национална сигурност, па така, Маргарет Тачер која беше Премиер помеѓу 1979 и 1990 година состави “ war cabinet ” кој би се борел со оваа појава. Одлуката за ваков потег е донесена после натпреварот помеѓу Millwall и Luton во ФА купот на 13 Март 1985 година на кој се случи инцидент од огромни размери во кој 81 лице беше повредено , вклучувајќи и 31 полицаец а беа направени и огромни материјални штети. Во тоа време насловните страни ги полнеа фирмите на West Ham , Millwall и Chelsea а покрај нив и на Leeds United , Newcastle , Sheffield Utd , Luton и Manchester Utd . Ривалството на Cardiff и Swansea е посебна приказна која на момент доведе до дискусија да овој натпревар воопшто не се одигрува на било кое ниво .

Низ Европа англиските фирми правеа инциденти и на битни натпревари од кои може да се издвојат . 1974 година фановите на Тотенхем во Ротердам, 1975 година на Лидс во Париз, 1977 година на Манчестер Јунајтед во Сент Етјен , 1981 година хулиганите со националниот тим во Базел ...

До 1985 година два факти беа поврзани за инцидентите на хулиганите. Прв факт е дека повреди од директен судир помеѓу фирмите биле ретки и дека најмногу повреди се случувале како последица на старите или оштетени стадиони или објекти околу нив и втор факт е дека иако Liverpool urchins биле активни евентуално пред натпреварите со Man Utd , никогаш не биле поврзани со некој поголем инцидент бидејќи не биле ниту во топ 10 фирми.

Но сето тоа ќе се промени после 29 Мај 1985 година.

Се започна една година претходно во 1984 , кога Liverpool FC ја освои својата 4та титула во Европскиот куп на шампиони против AS Roma на стадионот во Рим. После завршувањето на натпреварот голем број на навивачи на Liverpool FC враќајќи се во хотелот биле избодени со нож и претепани, меѓу кои и деца, од страна на италијанските навивачи. Хотелите ги затвориле вратите барајќи своја сигурност ,навивачите биле оставени без полициска придружба а такси службите одбивале да вршат превоз до аеродромот во Рим. Настан кој остана незабележан во медиумите и официјалните извештаи но веројатно придонесе за разгорување на страстите кај англиските хулигани.

Во 1985 Liverpool FC повторно играше финале на Европскиот куп помеѓу Liverpool FC кој ја бркаше својата 5та титула во 9 години и шампионот на Италија Juventus на стадионот Haysel во Брисел. Стадион кој бил изграден во 1922 година и бил во многу лоша состојба да организира ваков натпревар во поглед на сигурност и дизајн. На стадионот можело да се влези со едноставно “ прескокнување на оградата ” а организаторот не презел ништо за спречување на тоа со што покрај голем број на навивачи и симпатизери на Liverpool FC на стадионот според сведочења биле присутни и фирми кои не ги заборавиле инцидентите од Рим и ги заборавиле ривалствата во Англија како што се Luton MIGS , Millwall Bushwackers , West Ham ICF и Newcastle Toon Army .



На трибините пред почетокот на натпреварот настанал инцидент помеѓу ривалските фанови и сето тоа доведе до стампедо и рушење на заштитните ѕидови во кое животот го загубија 39 навивачи од кои 32 на Juventus , 2 од Белгија, 4 од Франција и 1 од С.Ирска. Група од 27 навивачи беа уапсени а 14 осудени на по 3 години затвор поради убиство без умисла, 5 милиони фунти беа исплатени на семејствата на жртвите. Судијата од Белгискиот суд , Marina Coppieters, 18 месеци покасно пресуди и казни и за Јacques Georges тогашен претседател на УЕФА, Hans Bangerter генерален секретар на УЕФА, Albert Roosens шеф на ФА на Белгија, Johan Mahieu полициски началник.

Инцидентот беше една од најголемите трагедии во историјата на Европскиот фудбал што доведе и до исклучување на англиските тимови од сите европски натпреварувања во период од 5 години , треба да се спомни неиграњето на Евертон во Купот на шампиони , првиот излез во Европа на Норвич ..... за Liverpool FC беа 6 години забрана за настапи.

Случајот беше затворен а Хејсел остана како црна дамка во историјата на двата клубови, посебно за англичаните и се провлекува како табу тема која сите сакаат да ја заборават со оглед на оскудните информации кои може да се најдат и во италијанските и во англиските медиуми.

Во Англија започна време на промени. Војната против хулиганството доби на интензитет преку новоформираниот “ war cabinet ” , беа донесени нови правила и кодекси за однесување кои ги осетија не само навивачите туку и сите фудбалски работници почнувајќи од администрацијата па се до фудбалерите. Нови правила донесoa и УЕФА и ФИФА каде и посебен акцент се стави врз навивачките групи од Англија на кои им беше и лимитиран пристапот до натпревари на гостувањата на нивните тимови и националната селекција. Сето ова доведе до револт кај фановите од Англија а навивачите на Liverpool FC станаа мета на сите, почнувајќи од медиумите, фирмите па се до обичните навивачи и беа означени како главни виновници за се, а анти-Ливерпул чувствата се зголемуваа од ден на ден. И покрај новите закони, правила и заштитни мерки , хулиганството не престана да зема замав на терените низ Англија, беа предложени и мерки за забрана на присуство на гостински навивачи , затворски казни за навредливите фанови и слично.

Во 1989 година, поточно на 15ти Април судбината повторно си поигра со Liverpool FC и тој датум ќе oстани запишан како денот кога се промени се во aнглискиот фудбал и секојдневие . Тоа беше датумот на одигрување на полуфиналето на ФА купот помеѓу Liverpool FC и Nottingham Forest на Hillsborough во Sheffield. Пред натпреварот многу навивачи пристигнаа касно поради гужва во сообраќајот и набрзина се направија големи бркотници за влез на стадионот. Тоа доведе до многу лоша одлука на надлежните органи , полицијата , да ги отвори вратите на трибината и на мал простор за кратко време влегоа илјадници навивачи , многу повеќе луѓе отколку што е предвидено. На трибината загинаа 96 навивачи на Liverpool FC , најмногу поради гушење. Помеѓу жртвите имаше и деца а најмладиот со 10 години.



Hillsborough беше најголемата трагедија што се има случено на еден спортски настан во Велика Британија, Liverpool FC повторно се најде во центарот на вниманието на една ваква трагедија по само 4 години од претходната на Haysel . Овојпат , беше различно, тие беа жртви .Но и покрај тоа Ливерпул стана предмет на најсрамната и највалкана кампања во историјата на спортот која произлезе од целиот трагичен настан.

После трагедијата на Haysel , Liverpool FC и неговите навивачи беа мета на напади и навреди од страна на сите во Англија , тоа беше и потпалено со зависта за неспорните успеси на тимот а неможноста на владата да се справи со хулиганството доведоа и до манипулација со јавното мислење преку нив. Грешките на полицијата кои доведоа до трагедијата на Hillsborough не се прикажаа јавно ,одлуката на ФА да го одбери овој стадион за таков голем настан не се стави на тапет како и неспособноста и необученоста на медицинските екипи да се справат со такви повреди. Сето тоа доведе и до тензија помеѓу владата на Велика Британија и градот Ливерпул. Жителите на градот беа етикетирани како бунтовници од страна на Iron Lady ( Маргарет Тачер ) иако многумина мислеа дека таа тензија ја предизвикаа анти-Ирските групи, бидејќи голем дел од навивачите на клубот беа од ирско потекло, а во тој период се водеше конфликт помеѓу Британија и ИРА. Се направи перфектно сценарио во кое навивачите од Ливерпул беа означени како главни виновници за се , сценарио кое ќе се протега 23 години во кои најголемо патење имаа фамилиите на загинатите со приказна дека нивните најблиски самите себе си го одзедоа животот на еден бесмислен начин. Сценариото предвиде и тестови на крвта преку кои се докажуваше дека сите навивачи биле под дејство на алкохол вклучувајќи го и 10 годишното дете кое го загуби животот на трибините на Hillsborough .

Во реалноста сцените на стадионот открија вистински херојства на навивачите, слики каде си помагаат еден со друг додека полицијата сето тоа мирно го следи отстрана и упатува навредливи зборови кон луѓето заробени на трибините. Тие луѓе беа извикувани како убијци, крадци , хулигани.... Официјалниот став на полицијата беше дека сите тие што влегоа на трибината беа под дејство на алкохол и самите си го отворија влезот на трибината каде и настана целата таа пренатрупаност и дека навивачите краделе од џебовите на жртвите . Полицијата дури и ги употреби јавните медиуми за манипулација со јавното мислење како што е весникот THE Sun кој бесрамно застана во нивна одбрана.

На крајот иако постоеја повеќе независни истраги не беше дозволено на вистината да излезе на виделина во јавноста и Британската влада како официјален став го повтори истиот на полицијата и случајот беше затворен. За жал многу и од фудбалските клубови и навивачи го прифатија тој став и Liverpool FC со своите навивачи повторно станаа мета на навреди и напади. Ливерпул наеднаш за сите стана центар на хулиганството.

Како и во секоја трагична неправда низ историјата , секогаш има некој кој е доволно храбар да се спротивстави на неправдата и да се бори за правдата , а тоа беа фамилиите на загинатите од Hillsborough . 23 години траеше голготата низ која поминаа и конечно со поддршка на навивачите и луѓето од секојдневниот живот успеаја во борбата и ја натераа владата да ги отвори сите скриени и запечатени документи кои ја криеја вистината. Вистината за една од најголемите завери и прикривања после 23 години од трагичниот настан беше обелоденета. Заклучок е дека причина за трагедијата е неспособност на полицијата да воспостави контрола врз ситуацијата. Вистината е дека 164 писмени сведочења во првичниот заклучок биле променети , 116 кои се однесуваа за грешките на полицијата биле комплетно отстранети а животот на 41 жртва можел да се спаси ако на местото на настанот имало способни екипи од медицинската помош, на сето тоа обелоденети се и лажните изјави за медиумите преку кои се манипулираше со јавноста како и официјалниот извештај во кој се вели дека навивачите на Liverpool FC не се одговорни за ништо во целата таа ситуација на Hillsborough .

23 години фамилиите на загинатите се прашуваа зошто нивните блиски го загубија животот а се што сакаа беше да го бодрат својот Liverpool FC , зошто полицијата од South Yorkshire заедно со медиумите предводени од The Sun ги оцрнија имињата на нивните блиски , зошто владата на Велика Британија направи заговор против нив и ред други прашања .

Направив само една хронологија на дел од настаните до денес во текот на овие 26 години од катастрофата која однесе 96 човечки животи и над 700 повредени. Во овие 26 години и преживеаните од трагедијата не останаа негибнати . Самоубиства , дрога, алкохол, фамилијарни проблеми , психички болести се само дел од работите кои ги уништија животите на дел од нив.

26от мемориал оваа година традиционално се одржa на 15 април 2015. .



подготви: Горан