LIVERPOOL - Manchester United

Роберт Насков

05/03/2023


 

OLSC Macedonia ви пренесува уште едно искуство од наш член кој бил на Anfield. Оваа репортажа е од Роберт Насков од Скопје.

Кажете ни нешто засебе , кој е Роберт Насков ?

Јас сум ТВ и филмски продуцент. Обожавам да снимам и гледам филмови и серии, да слушам музика на плочи, да поминувам време со семејството во Маврово и многу се радувам кога Liverpool FC победува. Овие работи ме прават многу среќен.

 

Зошто Liverpool FC и како започна да навиваш за клубот ?

Заради историјата, традицијата и филозофијата на клубот. Иако според мојот вкус за музика би требало да навивам за Manchester United, јас го избрав Liverpool FC. Веројатно моите почетоци на навивањето за Liverpool FC датираат од времето на трагедијата што се случи на стадионот Heysel во 1985 година.

Татко ми и брат ми се навивачи на Manchester United.

 

Oмилен играч , омилена генерација и омилен тренер ?

Steven Gerrard е мој и на мојот син омилен играч. Го сакаме заради посветеноста и лојалноста кон клубот. Вистински капитен. Сегашната генерација ми е најомилена. Од оваа генерација омилен играч ни е Trent - Alexander Arnold, а Jurgen Klopp е тренерот кој го обожавамe на ниво на божество.

 

Како падна идејата за патување на натпревар на Liverpool , како патувавте и нешто околу организацијата од страна на фан клубот ...

Отсекогаш сум посакувал со синот Андреј и со другарите Огнен Спасовски и Александар Поповски да присуствувам на натпревар на Liverpool FC на Anfield. Благодарение на OLSC Macedonia си го остваривме сонот. Не можевме да избереме подобар натпревар и да посакаме подобар резултат. Ова патување е едно од најубавите во мојот живот. Ќе го раскажувам на внуци.

Воодушевен сум од организацијата и грижата на OLSC Macedonia за членовите на фан клубот. OLSC Macedonia докажа дека Liverpool FC is not a club, it’s a family. Бескрајна благодарност до Горан и екипата на OLSC Macedonia што ни овозможи да присуствуваме на историски натпревар.

 

Liverpool , град на UNESCO од 2016 , град со долга и богата историја, град на музиката и на фудбалот , што ви остави впечаток ?

Liverpool е град полн со историја и многу важен за развојот на Обединетото Кралство. Луѓето се многу горди на успесите на Liverpool FC и на музичкото влијание што го имаат направено The Beatles врз светската рок музика. Поминувајќи 7 дена (Manchester United :), почувствував зошто токму од Liverpool потекнуваат еден од најголемите светски фудбалски клубови и еден од највлијателните бендови во светот.

 

Liverpool – Manchester 7:0 ! Како изгледа еден фудбалски ден во Liverpool , и како ја доживевате атмосферата на Anfield …

Резултатот е неверојатен. Да го сонувавме натпреварот веројатно немаше да биде толку убаво. Како екипата да сакаше да ни се оддолжи за долгиот пат и за целиот напор што го направивме за да бидеме дел од овој меч. На денот на натпреварот целиот град живее за тоа, особено кога се игра најголемото англиско дерби. Луѓето се облечени во боите на Liverpool FC и празнично се расположени. Атмосферата на Anfield е неверојатна и тешко може да се опише со зборови. Тоа навистина мора да се доживее. Сега ми е јасно колку таа атмосфера позитивно влијае на нашите играчи и зошто најголемите имиња на светскиот фудбал потклекнуваат кога играат во овој храм на фудбалот. Кога пред почетокот на натпреварот целиот стадион ја пееше нашата химна „You’ll Never Walk Alone” не можев да ги сопрам солзите. Тоа е нешто што сум го посакувал од моментот кога почнав да навивам за Liverpool FC. Неверојатно чувство. Многу сум среќен што сето ова го доживеав со мојот син.

 

Liverpool ја започна оваа сезона надвор од очекувањата на сите навивачи. Ваше мислење за екипата , политиката на клубот и Ваше мислење за оваа сезона ...

Сосема е нормално после толку години играње на највисоко можно ниво да дојде до пад на формата. Дел од играчите се заситени, а не одигравме добро на трансфер пазарот последниве години. Повредите и промените на важните позиции во клубот си го направија своето. Секако и информацијата дека клубот ќе се продава влијаеше на атмосферата. На тимот му е потребно освежување и нова енергија. Сопствениците мора да вложат во играчи кои ќе ја вратат победничката атмосфера во клубот и ќе бидат гладни за нови успеси. Важно е Klopp да остане и мојата сопруга Анастазија да продолжи да нè поддржува и да го толерира моето расположение. Сигурен сум дека следната година повторно ќе бидеме во борба за титули.

 



YNWA!