Premier League - Liverpool vs Man City

@Anfield ; @KOP

10/03/2024


 

На последното дерби на Клоп против екипата на Man City на Anfield имавме четворица наши членови кои беа на KOP.

Во прилог кратка фото и видео репортажа од Ненад Крумевски од Крива Паланка и збор два од Марко Шопов од Скопје ...



OLSC Macedonia: Зошто Liverpool FC и како започна да навиваш за клубот ?

Марко: Фан на Ливерпул скоро 30 години, а се започна во 1996 година кога за роденден ми донесоа поклон игрица Premier League Manager.

Ја инсталирам игрицава и се мислам со кој тим да почнам да играм, а во тоа време почна да се пренесува Премиер Лига на ТВ кај нас и прва утакмица што ја гледав беше Ливерпул-Челзи на која што ги згазивме 5-1, навивачите полудеа и викам тоа е тоа, Роби Фаулер, Бергер, МекМанаман.... да да да ова е тимот за кој ќе навивам!

 

OLSC Macedonia: Омилен играч , омилена генерација и омилен тренер ?

Марко: Многу тренери играчи поминаа низ клубот, имаше страшни падови но и среќни моменти но никогаш не дојде во прашање љубовта кон клубот и се она што е Ливерпул!

Омилена генерација ми е тимот што освои Лига на Шампиони 2005 година во Истанбул. Дефинитивно омилен играч ми е Стиви Џи, а тренер човекот кој што е број 1 на сите времиња господин Јурген Клоп.

 

OLSC Macedonia: Натпреварот кој го следеше , Liverpool - Man City...

Марко: Не знам од кај да почнам со импресии од натпреварот со Mанчестер Cити.....Прво сакам од срце да им се заблагодарам на момците од OLSC Macedonia што обезбедија влезници за натпреварот и на сите фанови од Македонија да им порачам дека групата е во сигурни раце и одлично респектирана надвор од Македонија.

Посебен поздрав сакам да упатам до Бебек и Горан кои што за време на целиот период пред и за време на престојот во Ливерпул ни помагаа со информации за се да искочи во најдобар ред.

Прв пат одам во Ливерпул и се воодушевив колку се кул скаузерите, а и градот ми остави супер впечаток колку е жив со пабови, ресторани, клубови итн.

Во саботата направивме тура на Енфилд и музејот на ЛФЦ, супер организирано и одлично искуство да видиш и чуеш нови работи поврзани со историјата на клубот. По турата се слушнавме со Бранко од OLSC Montenegro кој беше пред AXA Тренинг Центарот и чекаше да ги сретне играчите после последниот тимски состанок пред натпреварот во недела. Фативме такси и се најдовме пред AXA, a веќе имаше собрано фанови од Словенија, Србија, Полска и десетина локалци. По 10-15 минути почнаа да излегуваат со коли и успеавме да ги видиме Клоп, Собо, Гакпо, Цимикас и Ендо.

Matchday: Недела 11ч по локално време седиме во Паб, лупаме по некое пиво, шиба музика од локалци со гитари и се пеат навивачки песни на Ливерпул, се собира народ, сите во ефуорија, градот целосно “запален” за мечот. Од тука се упативме кон стадион и река народ оди и се собира во една уличка позади главната трибина, сите со пиво во рака пеат, палат димни, лудница невидина, сите чекаат да помине автобусот со играчите. За жал од безбедносни причини полицијата го пренасочила автобусот и не успеавме да ги видиме, но без разлика, дружбата тука беше феноменална.

На 5 минути беше Енфилд и немаше апсолутно никаква фрка да се влезе на трибина, а посебно дека бевме на КОП тоа беше неверојатно чувство. АТМОСФЕРАТА на трибина посебна приказна, ВИ посакувам на сите да се најдете еден ден таму и да доживеете во живо што значи да си ФАН НА ЛИВЕРПУЛ. Почнува да се пее YNWA, солзи ти надоаѓаат ти се тресе тело од среќа и не ти се верува кај си! 30 години си гледал на ТВ а сега си таму меѓу нив! Изигравме машка утакмица со втор состав, штета што не победивме ама тимот покажа срце и изгина на терен, а цел Енфилд од прва до последна минута не застана од навивање и подршка.

 

До некое наредно одење во Ливерпул ќе останат овие незаборавни емоции и чувства.

Благодарам OLSC Macedonia!

YNWA!