Premier League : Liverpool - AFC Bournemouth

reportage by Vangel Ristovski

21/09/2024


 

На натпреварот помеѓу Liverpool и AFC Bournemouth на Anfield присутен беше нашиот член Вангел Ристовски од Скопје.

Во прилог кратка фото и видео репортажа и збор два околу Liverpool FC ...



"Моето име е Вангел Ристовски од Скопје, имам 28 години, работам како доктор, специјализант по спортска медицина и асистент на Медицинскиот факултет. Љубител на пиво, спорт и секако голем навивач на Ливерпул и Вардар. "


OLSC Macedonia: Зошто Liverpool FC и како започна да навиваш за клубот ?

Вангел: Зошто баш Ливерпул е тешко прашање, сметам дека најважните работи во животот често не бираат нас, наместо ние нив. Откако знам за себе гледам фудбал и секогаш сум имал симпатии кон Ливерпул уште од ерата на Мајкл Овен, но веројатно конечната одлука падна за време на натпреварот Ливерпул - Челзи во полуфиналето од Лигата на шампионите во 2005та година, "голот" на Луис Гарсија, победата над високо фаворизираниот противник и пласманот во историското финале против Милан.

Од тогаш пропуштам натпревари само поради неодложни обврски.

 

OLSC Macedonia: Омилен играч , омилена генерација и омилен тренер ?

Вангел: Стивен Џерард секако, како и на најголемиот број навивачи што пораснале со неговите мајстории! Од актуелните ако морам да издвојам можеби Енди Робертсон или Алисон Бекер. Омилена генерација... нерешено помеѓу сезоните 2008/09 и 2018/19.

Омилен тренер дефинитивно Клоп, покрај очигледните причини, имаме и сличен темперамент и пристап кон компетитивни натпревари хаха.

 

OLSC Macedonia: Натпреварот кој го следеше , Liverpool - Bournemouth...

Вангел: Натпреварот против Борнмут беше моја прва посета на Енфилд ( конечно остварен сон после 20 години). Патував сам бидејќи влезницата ја добив преку редовното индивидуално аплицирање за официјални членови на фан клубот кое се одвива 2 пати годишно. Од моментот кога бев известен преку мејл во јули, па се до самото патување се обидував да ја скротам возбудата и чинам дека успеав се додека не пристигнав во околината на стадионот на 3 часа пред почетокот на натпреварот.

Атмосферата прекрасна, временските услови идеални, навивачите расположени... најпрво потрага по муралите на легендите на Ливерпул, прошетка низ на Енфилд, статуите на легендарните менаџери, Sandon Pub каде е основан Ливерпул, посета на барот Taggy's и уживање додека се свират и пејат во живо навивачките песни на Ливерпул пред секој домашен натпревар и секако кулминација во вид на морници за време на химната You'll Never Walk Alone на почеток на натпреварот. Како за прв натпревар на Енфилд резултатот и играта не можеа да бидат подобри, ме пречекаа со 3 голови и чиста мрежа и уште повеќе ми го разубавија искуството!

Што да се каже за атмосферата освен дека навивачите се соживуваат со секој потег на теренот... па иако местото за седење ми беше во најгорните редови на Main Stand, опкружувањето направи да се чувствувам како да сум скоро долу на теренот заедно со играчите.

Ова беше и моја прва екскурзија во градот Ливерпул. Мора да напоменам дека дефинитивно би го препорачал како дестинација за повеќе од само фудбалски туризам. Богата историја, пријателски настроени луѓе со специфичниот Scouse дијалект, реката Мерси и секако духот на Битлси и фудбалскиот клуб Ливерпул на секое ќоше од градот. Се надевам дека следниот пат би имал повеќе од 1 и пол ден за посета.

 

OLSC Macedonia: Arne Slot и една нова етапа во историјата на Liverpool. Кои се твоите очекувања и твоето мислење за новата сезона ?

Вангел: Морам да признаам дека за сега сум позитивно изненаден од новата ера по заминувањето на Клоп. Очекувањата пред почетокот на сезоната беа малку пониски во однос на прикажаната игра и резултати до сега. Прогнозата ми беше борба за топ 4 до последно коло, ама да се надеваме дека тоа ќе биде обезбедено уште во април па ќе може да пораснат апетитите.

Квалитетот на играчите е неспорен, Арне Слот делува сериозно... рака на срце сите се надевавме на уште некое засилување, но мислам дека со моменталната форма и ментален склоп на играчите ќе добиеме возбудлива сезона и со актуелната екипа.

 

YNWA!